Жителите на Лабуништа утре повторно на протест за затворање на каменоломите


Граѓаните на струшкото село Лабуништа за утре најавуват уште еден мирен протест, со барање за затворање на простанатите три каменоломи во атарот на селото.

Протестот закажан за од 15 часот го организира еколошкото друштво „Натура Лаб“ од Лабуништа, чии активисти успеаја да го свртат вниманието за проблемот што го имаат жителите на селото од работењето на каменоломите.

Тие пред два месеци исто така протестираа со истите барања, на што имаше реакција на министерот за економија Крешник Бектеши, кој оствари средба со жителите на Лабуништа, а сето резултираше со затоворање на два од петте каменоломи во близина на селото.

Сега тие се со барање надлежните институции да ги затворат сите каменоломи, за кои велат дека со работењето го нарушуваат нивното спокојство, дека не можат да живеат во услови на детонации од секојдневните минирања, а и заради еколошкиот аспект односно уништувањето на околината.

-Му благодариме на министерот Бектеши што излезе во пресрет на нашите барања, но остануваат активни уште три каменоломи. Ние не можеме нормално да живееме во селото, од експлозиите при минирањето, прашината што ја голтаме секојдневно, а ни се уништува и животната средина. Мора да се води сметка за чистата животна средина, но пред се за нашето здравје, изјави претседателот на „Натура Лаб“, Алим Салоски.

Тој рече дека утрешниот протест ќе биде мирен, со собирање на граѓаните, но најави порадикални активности доколку не се преземат соодветни мерки од институциите, дури и до блокирања на сообраќајот на патниот правец Струга-Дебар.