Жителите на Лабуништа на протест побараа одземање на концесиите за каменоломите


Со блокирање на патот Струга – Дебар, кај местото викано кореа, жителите на струшкото село Лабуништа денеска го искажаа револтот против отпочнувањето со работа на два од деветте каменоломи во селото.

Побараа од Владата и Министерството за економија да им ги одземе концесиите и двајцата концесионери да престанат со ископите, кои, како што тврдат го загрозуваат нивното здравје, за тоа доставиле и докази во кои, според нив, има основ за одземање на концесиите еднострано. Доколку институциите не преземат соодветни мерки најавија радикализација на протестите и не пуштање на децата во училиште во второто полугодие.

Јасмин Ќазимоски од Месната заедница Лабуништа тврди дека Министерството за економија и Владата се детално запознаени со проблемот. Со одлука на Влада во 2020 година беа укинати концесиите за сите каменоломи, но Управен суд со пресуда ги вратил концесиите на двајца концесионери.

– Бараме од Министерството за економија повторно да постапува по нашите барања, но бидејќи нивниот интерес е многу мал, ние како Месна заедница и здружението Натура Лаб обезбедивме сериозни докази за повеќе прекршувања на законите за минаерални суровини и за концесии, вели Ќазимоски.

Цитирајќи дел од Законот за концесија за можноста за одземње на концесија доколку концесионерот ги изгуби економските способности, посочи дека еден од концесионерите е голем даночен должник со неплатен данок од 35 милиони денари.

– Истиот концесионер во каменоломот работи со друга фирма што соглансо законот е основ за едностран раскин на договор. Другиот концесионер и покрај што концесијата изнесува 77.000 метри квадратни излезе надвор од грнаиците на концесијата, што согласно закон, член 51 е основ за одземање концесија. Бараме од владата на Република Северна Македонија и Министерството за економија итно постапување и затворање на каменоломите со цел да обезбедиме здрава животна средина, чист воздух и подобра иднина за нас и идните генерации, рече Ќазимоски.

Алија Ќазими, правник во здружението Натура Лаб посочи дека во Лабуништа е загрозено Уставното право секој граѓанин да ужива во чиста животна средина.

– Тоа можеме да го потврдиме со извештајот од ЈЗУ Здравствен дом Вевчани, каде јасно се гледа дека во последните три години имаме 1.850 респираторни заболувања, а тоа е една третина од граѓаните. Загрозени ни се нашите имоти, имаме вешт наод и мислење од овластен вештак каде се гледа дека земјоделските почви од кои со години сме живееле денес се неплодни, истакна Ќазими.

Ископите во првиот каменолом во Лабуништа почнале пред 20-тина години, по што биле регистрирани уште осум. Жителите тврдат дека правот и миризбата што излегуваат од ископите се неподносливи и влијаат на нивното здравје, потврдувајќи го тоа со медицински наоди. Еден од каменоломите што сега работи во Лабуништа бил на само 90 метри од првите куќи.