Жителите на Дебар и на Маврово-Ростуше ќе гласаат во петтата Изборна единица


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните на општините Дебар и Маврово-Ростуше на наредните предвремени парламентарни избори ќе гласаат за кандидатите во петтата Изборна единица, намето во шестата како досега. Вака одлучија пратениците во Собранието, кои рано утрово со 75 гласа „за“, ги изгласаа измените и дополнувањата на Изборниот законик, како и Предлог законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.

Барањето за промени во изборните единици беше на предлог на ДУИ, со оглед што според важечките законски прописи една изборна единица на Избирачкиот список не смее да има 5 отсто повеќе гласачи во споредба со другите.

Претходно, во почетокот на месецов, Државната изборна комисија информира дека по последното законско ажурирање на Избирачкиот список од 1 декември 2019 година, во втората и во шестата Изборна единица бројот на избирачите го надминуваат дозволениот лимит од пет отсто, како и дека бројот на гласачите во третата и четвртата Изборна единица е под законски дозволениот лимит. Надминувањето во шестата Изборна единица е 8,60 проценти, а во двојката 5,74 проценти. Помал број избирачи има во четвртата Изборна единица (6,36 отсто) и во третата Изборна единица (7,64 проценти).

Инаку, Собранието продолжува со работа денеска во 13 часот, кога треба да се гласа за законите за Јавно обвинителство и за измените на Законот за Советот на јавните обвинители. Расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство заврши синоќа, но власта немаше двотретинско мнозинство, па гласањето беше одложено. Во дебатите повеќе доминираа партиски препукувања, отколку што се водеше суштинска расправа за владиниот Предлог-закон. (Н.В.)