Жителите на Берлин на референдум ги отфрлија построгите климатски цели


Берлин
Референдумот на кој жителите на Берлин вчера одлучуваа за тоа дали нивниот град треба да стане климатски неутрален до 2030 година не успеа, изјави градоначалничката Франциска Гифи.

Таа мерка би ја натерала новата конзервативна локална влада да инвестира во обновливите извори на енергија, ефикасноста на зградите и јавниот транспорт. Доколку референдумот беше успешен, Берлин ќе беше еден од ретките големи европски градови со правно обврзувачка цел да стане јаглеродно неутрален за седум години.

„Резултатот покажува дека повеќето жители на Берлин, исто така, гледаат дека барањата на референдумот не може да се спроведат – дури и да се преточат во закон“, рече Гифи.

Минатата година, Европската унија започна програма за помош на 100 градови во и надвор од блокот да станат климатски неутрални до 2030 година, но програмата и финансиската поддршка што ја нуди не се правно обврзувачки.

Референдумот беше тест за тоа дали Германците, или барем граѓаните на Берлин, сакаат климатската политика на Германија, која сега има за цел да ја направи најголемата европска економија јаглеродно неутрална до 2045 година, да биде поамбициозна. Активистите за климата кои го иницираа гласањето рекоа дека целта на Владата е премногу далеку во иднината за да се спречи глобалното затоплување да надмине 1,5 степени Целзиусови.