Жители на „Треска“: Со години се случуваат пожари, „Треска“ е небезбедно место за живеење


Предизвикани од денешниот пожар што ја зафати поранешната фабрика „Треска“, реагираа и група граѓани, жители на „Треска“, кои велат дека просторот  со години е небезбедно место на живеење.

„Ние, претставниците на работничките станови кај ‘Треска‚ кои живееме на овој предел, револтирани сме што со години веќе никој не наоѓа решение за нашата безбедност. Не е прв пат да апелираме дека ‘Треска‚ е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба“, се вели во нивната реакција.

Како што нагласуваат тие повеќепати биле сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на Противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни.

„Секојдневно гледаме разбојништва во напуштениот индустриски капацитет и „Треска“ веќе одамна е прибежиште на крадци, бездомници и наркомани“, се вели во реакцијата.

Тие додаваат дека стравуваат за безбедноста на нивните животи и безбедноста на нивните деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци.

„Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот“, велат тие додавајќи дека денешниот пожар е само уште една потврда дека „овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее“.