Жители на Куманово 12 дена без вода, советник со пешкир и шампон в рака бара проблемот да се реши

Жителите на улицата „Киро Фетак“ во Куманово веќе 12 дена се без вода, информираше на денешната седница советникот од Алијанса на Албанците, Осама Муадини. Toj за да го долови моментот пред јавноста, бидејќи седницата се пренесува во живо, побара еден час пауза за да  се истушира и  извади шампон, пешкир и пакет вода за пиење. На овој начин, како што рече,  сака да го привлече вниманието на одговорните, навреме да интервенираат и да не ги оставаат граѓаните од оваа улица од централното градско подрачје без вода.
-Маките се големи , а оваа е мојот начин да се искаже револтот на граѓаните. Секое утро жителите на улицата „Киро Фетак“ трчаат кај соседите да се капат. Оваа не е хумано и одговорност треба да има, вели Муадини.
Претседателката на Советот, Атина Мургашанска побара и  советникот Муадини  да го почитува деловникот исто  како и неколкуте советници од опозицијата кои и на денешната седница на советот, имаа налепници со сонцето од Кутлеш. Муадини со поддршка на советниците од опозицијата доби получасовна пауза,  а потоа и со поддршка на советниците од власта доби можност оваа точка на биде ставена на дневен ред.
Директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски вели дека причина за немањето вода е интервенција на екипите на јавното претпријатие на дефект на старата и дотраената азбестна цевка на улицата „Киро Фетак“.
Тој информираше дека дефектот првпат се случил на 12 септември, годинава. Екипите се на терен и ја санираат цевката поставена 1968 година. Направен е шибер за да се заштитат околните улици и тие да имаат вода додека се санира цевката. Додека траат активностите вода нема, но потоа се пушта вели Стојковски.
-Во моментов се работи на 120 метри од цевката, а вкупната должина е 290, вели Стојковски, за што е потребно замената да биде ставена во програмата на општината и да се изгласа на совет.
-Советникот би требало да знае дека жителите на оваа улица должат над два милиони денари за вода, вели Стојковски.