Жители на Карпош гневни – властите ќе уништат парк, за да никнат згради


„Во среда, 5 јули, Стевчо Јакимовски на седница на Советот на Општина Карпош ќе направи напор да го смени деталниот урбанистички план Ј03 блок 02, и ќе се обиде детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да ги претвори во згради“, алармираат жители на Козле, гневни на градоначалникот и на општинските власти.

Во писмо-петиција, потпишано од голем број жители на Карпош, тие најавуваат протест против „криминална промена на урбанистички план во Општина Карпош од страна на сегашниот градоначалник Стевче Јакимовски“ токму на 5 јули пред зградата на Универзитетот за туризам и менаџмент, каде што треба да се одржи седницата на Советот на општината.

Според нив, со планот ќе се уништи целиот комплекс спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ – паркот со фонтаната и игралиштето за деца, едно од последните такви места во целата општина кои останаа без на нив да никнат нови станбени згради, пишува „Градска“.

Еве го во целост писмото на загрижените граѓани:

„Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од број 149 до фабриката „Реплек“. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница „Систина“ до „Реплек“, преку улица на студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради.

А, зад зградите на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, т.е. на улицата „Јуриј Гагарин“ каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до „Реплек“. Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје.

Се уништува зеленило со километри и се заменуваат паркинг места за 17 згради и 50 куќи со сервисна улица. Прашања до градоначалникот Стевче Јакимовски и до советниците кои ќе гласаат за овој предлог – Дали за ова ве избравме? Дали го заслужуваме ова? Дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од „вашата“ oпштина? Утре ќе се поднесат потписи од огромна група на незадоволни граѓани за бришење на оваа точка од дневен ред, а воедно најавуваме и присуство на истите тие незадоволни граѓани на седницата на Општина Карпош в среда вo 10 часот во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје“, се вели во писмото.