Жител на Лабуништа наводно натепан затоа што бил Бугарин
Уште еден инцидент со наводен политички предзнак се случил на брагот на Охридското Езеро, овој пат во Струга. Како што објави бугарскиот портал „Нова“ денеска бил натепан копретседателот на Здружението на Бугарите во Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески. Тоа го изјавил самиот Кадриески за „Нова“.
Според неговите зборови, тој бил соборен на земја и бил клоцан и удиран и со раце, а бил навредуван бил по етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.
СВР Охрид го потврди инцидентот. „На 13.06.2023 година во 12,15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата ‘Боро Хаџиески’ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К.од селото Лабуништа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава“, се вели во полицискиот билтен.
Кадриески ѝ изјавил на „Нова“ дека не поседува бугарски пасош, но имал бугарски идентитет.
Брзо реагираше партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ:
„Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите ‘Шемето’, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите ‘валкан Бугарин’, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасно повторување и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети“, соопштуваат од ГЕРБ.
Се јави и бугарското ВМРО, кое побара од владата во Софија итно да побара побара замрзнување на преговорите на Македонија во Европската унија додека не се прекине „геноцидот врз македонските Бугари“.