Жичницата уште непочната да се сервисира ќе „лапне“ 732.000 евра
Веќе неколку месеци жичницата од Средно Водно до Милемиумскиот крст не работи, откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави дека таа никогаш не била сервисирана и не е безбедна.
Денеска на седница на Советот, по втор пат се наоѓа пред советниците одлука со која на претходно одобрените 20 милиони денари за сервисирање на жичницата, со која се доделуваат уште 25 милиони денари за истата намена.
„Со Одлука са давање субвенции на ЈСП ‘Скопје’ – Скопје за 2026 година, предвидени се средства во износ од 20.000.000 денари наменети за реализација на активности поврзани со реконструкција на жичарницата на ЈСП ‘Скопје’. Имајќи ја предвид значајната транспортна и инфраструктурна улога на жичарницата ‘Милениумски крст’ на Водно, се наметна потребата од обезбедување на дополнителни финансиски срества за реализација на предвидените активности.
Во таа насока со Предлог–одлуката се предлага обезбедување на дополнителни средства во износ од 25.000.000 денари со што вкупниот износ на средства наменети за реконструкција на жичарницата ‘Милениумски крст’ на Водно ќе изнесува 45.000.000 денари. Дополнителното финансиско обезбедување е насочено кон создавање услови за соодветна реализација на активностите за реконструкција, унапредување на техничката и функционалната состојба на жичарницата, како и зголемување на нивото на безбедност и сигурност при нејзиното користење“, стои во одлуката, која попладнево беше изгласана.
Советниците од Левица забележаа дека овојпат нема да гласаат за неа затоа што еднаш гласале, а сега се зголемува сумата за повеќе од двојно, а сервисер сѐ уште не е најден, ниту сервисирањето е започнато.
Советниците од владејачкото мнозинство појаснија дека сервисер може да биде само фирмата која и ја изградила жичницата, а Градот мора да помогне на ЈСП „Скопје“ кое располага со жичницата, затоа што сѐ уште е во долгови.
Зошто уште не е почната реконструкцијата и сервисирањето на жичницата, никој не одговори. (Б.Б.)
Жичницата и понатаму надвор од функција – сервисот сè уште не е направен