Жетвата на пченицата почнува, но откупот е неизвесен, предупредуваат фармерите
Националната федерација на фармери (НФФ) предупредува дека жетвата на пченицата почнува, но откупот е неизвесен. Годинава, велат, се очекува квалитетен род, а пресметките на земјоделците, зависно од регионот, покажуваат дека просечната производна цена изнесува девет до 12 денари за килограм.
Федерацијата ја следи ситуацијата, а подготви и препораки за нејзино ублажување.
– Минималната цена за килограм пченица треба да биде 12 денари. На ваков начин ќе се заштитат малите производители. Доколку производната цена е повисока од откупната треба да се спроведе интервентен откуп. Државниот инспекторат за земјоделство, пак, треба да врши зачестени контроли на откупните пунктови, посебно во делот на издавање кантарни белешки, склучување договори и почитување на берзанските откупни цени, наведува НФФ.
Федерацијата бара надлежните да кажат и со колку резерви пченица располага државата.
-Поради корона кризата, за да не се доведе државата во ситуација да нема резерва на пченица, Агенцијата за стокови резерви да излезе со информација колку резерви има државата со пченица и да спроведе постапка за откуп во текот на жетвата. Бараме ваква препорака да биде дадена и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до Агенцијата за стоковни резерви, наведува НФФ.
Пченицата е единствениот производ кој има стратешко значење дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој. Со производство од приближно 240.000 тони годишно, земјава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна.
-Македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Сето ова доведува до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпогодените (иако е единствениот стратешки), вели Стеванче Јорданоски, тим лидер на потсекторската група за пченица во Националната федерација на фармери.
Од вкупно 105.061 земјоделски стопанства, 104.853 се земјоделци кои произведуваат пченица на еден до три хектари, а 208 се деловни субјекти.
-Од 240.000 тони пченица може да се произведе 225.600 тони брашно. Тоа би значело дека би имале 107 килограми брашно по жител доколку целата пченица се искористи за производство на брашно. Тоа би значело дека сме на граница на задоволување на сопствените потреби, бидејќи согласно статистичките податоци просечниот граѓанин консумира околу 105 килограми брашно годишно. Но, бидејќи пченицата не ја користиме само за производство на брашно и леб, туку и за многу други преработки во индустријата за храна, секоја година увезуваме пченица, најчесто од земјите од регионот. Попрецизно најголемиот увоз на пченица имаме од Србија која е најголемиот регионален производител (Војводинската житница), наведува Федерацијата.
Според статистичките показатели, производството на пченица опаѓа од година во година (земајќи ги предвид и флуктуациите како резултат на климатски фактори). За период од последните 19 години производството е опаднато за просечни 20 отсто, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2017 година, разликата е 44 проценти.
-Ова е огромен пад, без разлика на климатските услови и покажува дека земјоделците немаат интерес и можност за поголеми инвестиции. Цените и натаму се многу ниски, а системот е условно „организиран” со постојани падови и искачувања, стои во информацијата од НФФ.
Федерацијата уште еднаш укажува на влијанието на климатските промени. Од една страна, вели, климатските промени го намалија производството на пченица, а од друга страна цената на пченицата не е јасно дефинирана.
-Најголем проблем со кои се се соочувуваат поледелците се климатските промени, односно брзите промени на температурата, каде што има прво суша, па дожд. На ваков начин, како што велат земјоделците, се прави стрес на пченицата и се губи во квалитет на производот, a се појавуваат и болести. Голем проблем за нив е продажната цена односно со години наназад производната цена е повисока од продажната, истакнува Националната федерација на фармери.