Жестоки кавги во Владата за бегството на Мијалков, тврди ТВ24


Фото: Б. Грданоски
 

ТВ24 ексклузивно дознава  дека утринава премиерот Зоран Заев повикал на средба двајца министри, неколку директори на агенции, први лица во обвинителствата и судовите околу случајот Сашо Мијалков.   На средбата, премиерот барал детални информации за чекорите кои институциите ги преземале пред и за време на бегството, како и за можните пропусти во постапките. Според наши извори во кабинетот, на средбата имало јасни и високи тонови, додека институциите покажувале со прст една на друга. Заев бил видно лут, па дури и се заканил дека доколку не се пронајде Мијалков, ќе има итни разрешувања, а од останатите јавно ќе побара одговорност.

Средбата наводно завршила во нервозна атмосфера, во очекување на расплет во наредните 3-4 дена, колку што Заев дал рок за резултати. „Плусинфо“ пак денес објави дека се очекува неофицијално оставка на министерот Оливер Спасовски, додека обвинителката Вилма Рускоска од вчера вечерта до утрово даде серија интервјуа за да се одбрани, откако барајќи одговорност некои го вперија прстот во неа.  

Меѓу другото, се расправало и за  мерките што се преземени досега за  идентификување на лицата што му помогнале на Мијалков да исчезне, при што било заклучено дека, ако има правна основа, ќе се преземат чекори за блокирање на сметки и затворање на деловни објекти поврзани со Мијалкови.Според неофицијални извори, најголемата одговорност за овој случај била лоцирана во Јавното обвинителство кое не било ажурно со барањето на притвор, ниту во моментот кога обвинителството побарало казни за обвинетите во „Таргет-Тврдина“, ниту кога добиле сознанија дека обвинетиот Мијалков планирал бегство. Притоа, постоеле сомнежи дека првичната информација за бегство на Мијалков ја дало лице што моментално одлежува затворска казна  во еден од високопрофилираните судски случаи.

Од друга страна, пак, Обвинителството на чело со Вилма Русковска прстот го вперува и во Кривичниот суд, кој неколку часа ја одолговлекувал постапката за изрекување на притвор. Поради тоа, Русковска дури и му пратила порака на првиот човек на судот, Иван Џолев, во која таа револтирано вели дека за 4 часа ќе се избрал Папа, а тие не можат да состават решение за притвор.

Сашо Мијалков, кој беше првообвинет во случајот „Таргет-тврдина“ завчера избега, и од тогаш е недостапен за органите на прогонот.  Во меѓувреме, по него е распишана и домашна и меѓународна потерница.