Жестока битка на истокот на Украина


 

Во тек е жестока битка за Угледар, град во источна Украина кој руските сили се обидуваат да го освојат, соопштија денеска двете страни, а Киев изјави дека Москва „претерува“ со успехот на својата офанзива.

Шефот на руската окупација на украинската област Донецк, Денис Пушилин, синоќа изјави дека „очекува добри вести“ од Угледар, рударски град кој пред руската инвазија имаше околу 15.000 жители.

„Опколувањето и идното ослободување на градот ќе реши некои работи“, изјави тој за новинската агенција Риа Новости, наведувајќи дека победата ќе овозможи промена на рамнотежата на силите на фронтот и ќе го отвори патот за офанзива кон градовите Покровск и Курахово, кои се посеверно.

Еден од неговите советници, Иан Газин, денеска за агенцијата Тасс изјави дека се водат „тешки и брутални борби“ и дека руските сили зазеле позиции во југоисточниот и источниот дел на градот Угледар.

Портпаролот на украинската армија за источната зона, Серхиј Черевати, потврди дека се водат „жестоки борби“, но увери дека Русите се потиснати.

„Непријателот се обидува да има успех во тој сектор, но не успева благодарение на напорите на одбраната на Украина“, изјави тој за телевизијата. „Непријателот го преувеличува својот успех“, додаде тој и рече дека непријателот се повлекува поради загуби.

Украинските власти рекоа оваа недела дека побројната руска армија презема напади на исток, особено околу Угледар и Бахмут. Бахмут со месеци е цел на Русија и покрај големите загуби на нејзините сили.

Руските сили и трупите на приватната паравоена група „Вагнер“ неодамна го зазедоа Соледар, град северно од Бахмут, што е прв успех по неколку месеци и низа понижувачки загуби за Кремљ.