Жешко музичко лето: Концертите од Скопје се селат низ Македонија


Каде ќе одите овој викенд? На свадба, на класична музика, на журка или на Фестивал на трубите? Се одржуваат четири културни и поп-настани кои од Скопје се селат низ Македонија: Тоа се Галичката свадба во с. Галичник, на планината Бистра, на отворање на „Охридско лето“ , на „Д-фестивал“ во Дојран и на Фестивалот на трубите во Пехчево.

 

  1. Галичка свадба: Традицијата стана атракција

 

Марина Петровска и Огнен Караѓозовски се младенците на традиционалната Галичка свадба, која ќе се одржи од 12 до 14 јули. Покровител на манифестацијата годинава е претседателот Стево Пендаровски.

Галичката свадба со години е прогласувана за најуспешна туристичка манифестација кај нас, а од „Њујорк тајмс“ и „Нешнел џиографик“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Вечерва, од 22 часот, ќе се одржи концерт на Џијан Емин заедно со Македонската филхармонија, на Здружението на џез-музичари на Македонија и на групата „Бенд офф“, со што ќе почне и „Галичкото културно лето“.

Фото: Б. Грданоски

Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.

На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

За време на викендот ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.

 

„Охридско лето“: Отворање со концерт на Ванеса Меј

 

Од вечерва до 20 август трае 59. издание на „Охридско лето“ кое организира неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена: од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Притоа, како посебни уметнички доживувања се посочени концертите на рускиот виолончелист Денис Шаповалов, албанската сопранистка Инва Мула, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, пијано-дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот „Дорицо“ од Италија, гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Дел од музичката програма се и словенечките уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек, албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова од Русија, како и нејзиниот колега и сонародник, Александер Гаџиев…

Како посебен музички настан е најавен и роденденскиот концерт на „Охридско лето“ на 4 август со виртуозите на гитара, уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.

Драмскиот дел на „Охридско лето“ оваа година содржи осум претстави, а селектор е Александар Поповски. На „Охридско лето“ оваа година има разновидна драмска програма, со претстави од Словенија, Хрватска, секако претстави од Македонија, од Казахстан од Турција, од Португалија и од Србија.

Отворањето на драмската програма ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓаат Словенечкото народно гледалишче „Драма Марибор“, претстава што веќе гостува на неколку фестивали и која на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затворањето е со Народниот театар од Белград, со претставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов, каде што нашиот Никола Ристановски ќе можеме да го видиме во главна улога.

Фестивалот од страна на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) неодамна беше сместен меѓу трите најдобри музичко-сценски манифестации на европската културна сцена.

Ванеса Меј која го отвора фестивалот, е многу е среќна што доаѓа во Охрид бидејќи, како што кажа таа самата, „Охридско лето“ е фестивал за кој прочитала многу. Исто така, се радува што ќе настапи на Античкиот театар кој е значаен не само за градот туку е афирмиран и пошироко на Балканот.

Ванеса доаѓа со десетина луѓе, колку што брои нејзиниот бенд од Англија. На сцената, исто така, ќе настапат музичарите од Македонската филхармонија и солисти од Националната опера и балет, под диригентската палка на диригентот од Бугарија, Иван Кожухаров.

Mej има продадено албуми во милионски тиражи и е меѓу најбогатите виолинистки на светот. Како чудо од дете, на само 4 години, ја има освоено класичната музичка сцена. Под вистинското презиме Ванакорн има настапувано за скијачката репрезентација на Тајланд на Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи, Русија.

Родена е во Сингапур. Откако е посвоена од татко Англичанец, на 4 години се сели во Лондон, а на осум години веќе студира на Националниот конзерваториум во Пекинг. Студиите ги продолжува на Кралскиот конзерваториум во Лондон. На 13 години е најмладата солистка која на виолина ги свирела Бетовен и Чајковски. Од 2014 година е во врска со францускиот експерт за вино Лајонел Кателан.

 

 „Д-фестивал“: Настап над 50 музички ѕвезди во Дојран

 

Единствениот музички фестивал на отворено кај нас, популарниот „Д-фест“, годинава ќе се одржи од денес до 14 јули во Стар Дојран со тридневна неверојатно богата програма и фестивалски камп. На шест музички бини ќе настапат повеќе од 50 музички ѕвезди и над 100 уметници и креативци кои ќе земат учество во многубројните активности, перформанси и работилници кои ќе се одвиваат на повеќе од 20 зони на годинашново деветто издание на „Д-фест“, изјавија организаторите од „Пасворд продукција“ и Општина Дојран.

 

Музичката легенда со неверојатна техника за свирење гитара Влатко Стефановски летово првпат ќе настапи пред фестивалската публика во Дојран со акустичен концерт. Некогашниот член и еден од основачите на „Леб и сол“ ќе ги забавува посетителите на фестивалот со својот препознатлив стил на музика, во звукот на етно, рок, џез-фјужн и блуз.

Главна ѕвезда во Дојран ќе биде ѕвездата на електронската музика Махмут Орхан. Освојувачот на светските топ-листи, ова лето ќе ја освои и главната бина на „Д-фестивал 2019“ во саботната фиеста на 13 јули.

Махмут Орхан, истанбулски продуцент и диџеј, во моментот е еден од водечките ѕвезди на електронската музика. Неговиот мегахит „Feel“ доживеа планетарен успех и се искачи на врвот на светските топ листи. Песната на Јутјуб има преку 350 милиони прегледи. Со недели „Feel“ беше најпродавана на онлајн продавницата „Битпорт“, како и меѓу најпродаваните песни на сервисот „Ајтјунс“во повеќе од 20 земји.

Неговата музика претставува комбинација од дип-хаус, инди-денс и совршено ги претставува културните корени на Махмут. Кариерата на оваа турска суперѕвезда доживеа експанзија во последните години по објавување на песните на видеосервисите кои имаат над милијарда прегледи. Токму поради тоа Махмут Орхан го споредуваат со Робин Шулц и „Lost Frequences“.

 

Ален Исламовиќ – главна ѕвезда  на „Пехчево 2019“

Поранешната југословенска ѕвезда, поп-рок пејачот Ален Исламовиќ и неговиот бенд „Кад би био Бјело дугме“, ќе бидат главни ѕвезди на деветтото издание на Фестивалот на дувачки оркестри „Пехчево 2019“. Како што најавуваат од општината, која со поддршка на локални фирми и спонзори е организатор на настанот, деветтото издание на Фестивалот на трубите ќе се одржи викендов, кога Пехчево ги слави своите патрони, светите апостоли Петар и Павле.

Освен Исламовиќ, организаторите на сцената на плоштадот во Пехчево очекуваат и настап на најголемите виртуози на трубата и познати пејачи од земјава и странство, чии имиња сè уште се комплетираат.

Лејла Сабит