Жерновски за „Независен“: Охридскиот регион останува под закрилата на УНЕСКО


Охридскиот регион и понатаму е дел од листата на заштитено светско природно и културно наследство, одлучи УНЕСКО на денешната седница во рамките на 43. сесија што се одржува во Баку, Азербејџан.

УНЕСКО постави услов до 1 февруари 2020 година, Македонија да ги спроведе препораките на Комитетот за зачувување на заштитениот регион.

На истата седница земјите-членки на УНЕСКО изгласаа Охридското Езеро од страна на соседна Албанија да се впише во листата на светко природно и културно наследство.

Тоа значи дека Охридскиот регион и езерото сега се целосно под заштита на УНЕСКО и претставуваат светско наследство. Комитетот ги задолжи двете земји да соработуваат на сите нивоа за заштита на Охридското Езеро и да во иднина да бидат пример за меѓуграничка соработка.

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој е дел од делегацијата на Северна Македонија во Баку, за „Независен весник“ изјави дека најголем проблем во убедувањето дека треба да добиеме дополнителен рок, всушност, беа контра-ставовите на домашните фактори кои, паралелно со нашите активности, го уверуваа Комитетот за заштита на светското наследство дека Охрид треба да го изгуби статусот на заштитено светско наследство.

„Нема ништо поболно од тоа да знаеш дека најголем противник ти се “твоите”. Слично како и со датумот за преговори со ЕУ, опозицијата не само што навиваше, туку и се залагаше да не успееме. Во желбата да спечалат некакви политички поени, одржуваа прес конференции со јасна намера да наштетат. За негрижа кон овој наш македонски и светски бисер зборуваат токму оние кои цели 11 години не мрднаа ни со прст да ги имплементираат препораките на УНЕСКО. Сегашната Влада е формирана само два месеци по Извештајот на УНЕСКО (2017-та година) од мониторингот на Охридскиот регион. Среќа што во Баку, сите го знаеја тој податок многу добро и го препознаа цинизмот. Дали ја добивме битката? Да. Дали ја добивме војната? Допрва треба. Ако уште од утре, буквално од утре, сите чинители во државата не преземеме конкретни и одлучни чекори за заштита на Охрид, тогаш не го ни заслужуваме“, вели Жерновски.

Според Регистарот на дивоградби, кој на барање на УНЕСКО го изработи општината, во Охрид има 1.076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.

„Сосема е јасно дека во оваа битка, локалната самоуправа мора да добие поддршка од централната власт. И ќе ја добие! Сите ние мора да покажеме зрелост при соочување со фактот дека состојбата во Охридскиот Регион е критична и дека бара итен и сеопфатен ангажман. Ќе биде недозволиво ако по извесно време констатираме дека Светот се грижи многу повеќе за нашиот Охрид отколку ние самите“, додава Жерновски.

Ивана Настеска