Жерновски: Се спрема сценарио за предвремени избори и меѓуетнички тензии
Опозициската СДСМ денеска излезе со обвинувања дека премиерот Христијан Мицкоски подготвува сценарио за предвремени парламентарни избори и вештачко предизвикување на меѓуетнички тензии, кои според партијата се координирани со српските и руските служби. На денешната прес-конференција, секретарот за меѓународна соработка и член на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски, истакна дека нивна должност е да ги предупредат граѓаните за развојот на настаните во наредниот период.
„Сакаме да го објасниме сценариото во режија на Мицкоски, поточно кажано во режија на српските и руските служби, а коешто за жал ќе го гледаме во наредниот период. Нас како СДСМ ни е должност ова сценарио да го презентираме пред граѓаните за да предупредиме што ќе се случува. Не бевме на почетокот разбрани кога објаснувавме за српски свет, за Орбан, за Вучиќ, подоцна беше јасно дека тоа што кажувавме беше вистина“, изјави Жерновски.
Според Жерновски, главната причина за барањето предвремени избори е празниот буџет и недостатокот на економски резултати на актуелната власт.
„Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува. Уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет“, нагласи Тој.
Жерновски додаде дека по пропаѓањето на првичното сценарио со Бугарија, фокусот на Владата ќе се пренасочи кон меѓуетничките односи со Албанците.
„Откако пропадна тоа сценарио, сега јавноста, сакаме на ова да предупредиме, ќе биде сведок на ново сценарио. Сега нема да бидат главен аргумент наши противници, односно алиби за избори, Бугарите, туку ќе бидат, внимавајте, Албанците. Тоа сценарио не е само потребно за националистичката кампања на ВМРО, туку му е потребно и на Вучиќ. Вучиќ започнува со истите обвинувања, со истото сценарио, со истиот терк. Ова алиби, мораме и тоа да го кажеме отворено, не е како сценарио смислено во главата на Мицкоски. Тоа е алиби којшто му го даваат руско-српските служби“, рече Жерновски.
Осврнувајќи се на реториката на Владата кон опозицијата и нејзиниот лидер Венко Филипче, посочи дека се користи стратегија за поделба на граѓаните.
„Против претседателот на СДСМ, доктор Венко Филипче пет години водеа морбидна кампања за модуларните болници, го нарекуваат убиец, го нарекуваат дури и доктор Менгеле. Не водејќи сметка дека Филипче излегува пред своите пациенти како доктор и пред своите студенти како професор. Значи, токму тие се користеа со трагичната судбина на оние што ги загубија животите во модуларната болница за да добијат политички поени со тоа што го напаѓаа лидерот на опозицијата“, порача Жерновски.
Од СДСМ порачаа дека нема да бидат дел од ова сценарио и дека ќе се борат за разобличување на обидите за дестабилизација.
„ СДСМ до крај ќе се бори да го разобличи ова сценарио. Сакам да заклучиме заедно дека, за жал, ќе го гледаме повторно сценариото од 90-тите, дека, за жал, ќе гледаме вештачко предизвикување на судири и тоа во она што сè уште е кревко, а тоа е меѓуетничките и меѓунационалните тензии. Македонија не смее ова да го дозволи. СДСМ нема да учествува во ова сценарио“, заклучи тој.