Жерновски: Младите можат да заминат во државите-членки на ЕУ за волонтерски активности


Со вчерашната ратификација на Спогодбата за учество на државава во „Европскиот корпус на солидарност“, младите луѓе од земјава можат да аплицираат за проекти во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ова денеска го напиша на својот фејсбук профил заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски.

– Младите лица, на возраст од 18 до 30 години, имаат можност да заминат во државите – членки на ЕУ на волонтерски активности, во времетраење од два до 12 месеци. Трошоците за сместување, храна, здравствено осигурување, патни трошоци и трошоци за виза се покриени со грант на „Европскиот корпус на солидарност, вели Жерновски.

Дополнително, како што се наведува, секој волонтер на месечно ниво ќе добива џепарлак во висина која е определена од страна на Европската комисија, за секоја држава поединечно (во зависност од тоа во која држава волонтерот ќе ги реализира активностите). Доколку се работи за лице со посебни потреби, се доделуваат дополнителни средства за покривање на трошоците за лицето кое ќе го придружува.

– Токму за ваквите придобивки ни беше неопходна интеграцијата во Европската унија. Чекориме одлучно кон ваквите вредности, бидејќи бенефитот е инвестиција во иднината на младите генерации, пишува Жерновски на својот фејсбук профил.