Женското лидерство треба да се промовира и поддржува, изјави Грковска во Атланта


 

Во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, што се одржува во Атланта, САД, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, како шеф на делегацијата на Македонија, во соработка со Светска Банка и Владата на Јужна Африка организираше панел дискусија на тема „Зајакнување на жените во областите на добро владеење и анти-корупција“.

Таа истакна  дека стереотипите за улогата на жените во општеството, за жал, сѐ уште се многу присутни во регионот, а во исто време проблемот со родово базираниот говор на омраза е огромен, преку кој не само што се нагласени стереотипите кон жените, туку е загрозен и личниот интегритет.

Грковска ја искористи можноста да го презентира Форумот на Југоисточна Европа за жени лидерки во процесите на добро владеење и антикорупција, кој на нејзина иницијатива, а со поддршка на UNODC, UN Women и Регионалната антикорупциска иницијатива беше формиран во март оваа година.

Таа истакна дека овој Форум е еден вид платформа која овозможува поддршка на сите жени кои се соочиле со непринципиелни напади, само поради тоа што имаат интегритет и се професионални во својата работа, но претставува и мрежа за интензивна комуникација, размена на искуства и идеи.

„Нашата цел е да го промовираме и да го поддржиме женското лидерство, да го зајакнеме учеството на жените и нивниот глас за јавните прашања, но и во исто време да го промовираме придржувањето до принципите на добро владеење, владеење на правото, како и еднаков пристап до правдата. Со еден збор, да се обединиме и да ги урнеме стереотипите“, нагласи Грковска.

На панелот, покрај вицепремиерката Грковска, учествуваа и Џоди Гласов, извршна секретарка на одборот за санкции на Светска банка, адвокатот Лекгоа Мотиби, шеф на специјална истражна единица од Јужна Африка, како и Вероника Драгалин, шефица на Обвинителството за справување со корупција на Молдавија.