Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и ССНМ промовираа алатка за пријавување онлајн вознемирување на новинарки
Новинарките и жените во медиумите отсега директно со неколку клика можат да пријавуваат онлајн вознемирување поврзано со нивната работа. Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска ја промовираа алатката за онлајн вознемирување врз жените во медиумите со која се овозможува полесно и побрзо адресирање на овој проблем.
Алатката ја промовираше претставничката на „Еднаква“ Марија Митевска која рече дека онлајн вознемирувањето на новинарките и жените во медиумите е во пораст последниве години и претставува сериозен проблем за нивно слободно и независно известување без притисоци.
„Целта не е само да имаме повеќе пријави, туку да имаме подобра заштита, подобро разбирање на проблемот и средина во која новинарките можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа. Пријавувањето е само привот чекор, а врз основа на тоа потоа ќе се креираат и политики и механизми за справување со онлајн вознемирувањето врз жените во медиумите“, рече Митевска.
Новинарката и членка на „Еднаква“, Маја Раванска рече дека онлајн вознемирувањето е феномен кој не смее да се игнорира.
„Во договорите за вработување на секоја новинарка не пишува дека треба да трпат онлајн вознемирување. Но, тоа е секојдневие и состојба која што се нормализираше и затоа треба да се бориме против неа со заеднички сили“, рече Раванска.
За претседателот на ССНМ, Павле Беловски онлајн просторот треба да биде место за слободно изразување, но за новинарките се почесто станува простор за навреди, закани, омаловажување и вознемирување.
„Особено загрижувачки се родовата дискриминација, говорот на омраза и нападите врз новинарките. Затоа моравме да заземеме непоколеблив став. Нападите ескалираа – моравме да одговориме и ние“, рече Беловски и додаде дека пријавување е важно и за правење јавен притисок и за притисок врз институциите кои се одговорни за прекин на неказнивоста.
Од Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ги охрабруваат сите жени во медиумите да пријавуваат секаков вид на вознемирување во онлајн просторот поврзан со нивната работа, бидејќи само така ќе може соодветно да се одговори на овој негативен тренд. Алатката за пријавување е достапна на веб-страницата на „Еднаква“ и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и овозможува брзо и ефикасно пријавување на сите типови на вознемирување.