Жените кои го обвинија Асанж за силување ќе бараат повторно отворање на случајот


Адвокатот на жените од Шведска кои го обвинија Џулијан Асанж за силување во 2010 година во четврток рече дека неговите клиенти ќе побараат од Шведското обвинителство да ја отвори повторно истрагата што беше прекината во 2017 година.
„Ќе направиме сѐ што можеме за обвинителите повторно да ја отворат истрагата за Асанж да биде испорачан во Шведска и да му се суди за силување. Сѐ додека случајот не е застарен моите клиенти се надеваат на повторно обвинение“, рече адвокатот Елизабет Маси Фриц за AFP.
Шведскиот директор на јавните обвинители Мариане Ни, во мај 2017 година реши да ја прекине прелиминарната истрага за наводите за силување.
Таа аргументираше дека со тоа што Асанж не е достапен откако доби азил и живеалиште во амбасадата на Еквадор во Лондон во 2012 година, не е можно да се продолжи со случајот. Ни, исто така рече дека ако Асанж некогаш стане достапен, обвинителите ќе одлучат дали повторно да ја отворат истрагата.
Во изјава од Шведското обвинителство, шефот на обвинителите Ингрид Исгрен вели дека дознале за апсењето на Асанж од медиумите.
„И за нас ова е новина, па не сме во можност да формираме мислење од информациите кои ги имаме. Ги следиме новостите“, коментираше таа.
Во изјавата се додава дека прелиминарната истрага може да биде повторно отворена се додека сомнежите за извршен криминал не застарат. Во овој случај, тоа е во август 2020 година“.
Обвинението за сексуално злосторство против Асанж датира од август 2010 година кога наводната жртва, вели дека го сретнала него на конференција на Викиликс во Стокхолм, а по неколку дена поднесе жалба.
Таа го обвинува дека Асанж имал секс со неа додека таа спиела, без употреба на кондом, без разлика што претходно, таа инсистирала на употреба на средство за заштита.
Асанж постојано ги негираше обвинувањата, а стравуваше и дека ако се појави на суд во Шведска, потоа ќе биде испорачан во САД, каде пак го бараат да одговара за објавување илјадници тајни воени и дипломатски документи во 2010 година, со што се прослави Викиликс.