Жената во политиката треба да биде смирена и трпелива: Разговор со Моника Зајкова, пратеничка

Повеќе би сакала да ме квалификуваат како интелектуално подготвена или паметна жена отколку само убава, вели Зајкова во интервју за „Независен“


 

„Либералниот пристап е оној кон кој треба да се стреми современото општество и гордо стојам зад тоа бидејќи верувам во убавината на индивидуата, во правото на среќен живот на различните од мене, во слободата на изразување на сопствените ставови и мислења без страв од осуда или јавен линч само затоа што некој не се вклопува во толпата и  е доволно храбар да се издвои и е доволно самоуверен да стои сам, поставувајќи пример за сите други“, вели во разговор за „Независен“ пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова, по професија правник и магистер од областа на граѓанско право. 

Фактот што ниту едно мислење и став не ми беа наметнати во животот, уште од мали нозе, придонесе за тоа да се интересирам за различните ставови и погледи на луѓето, секогаш да прашувам дополнителни прашања, па дури и да ги почитувам оние кои имаа различни ставови од моите и стоеја зад нив, бранејќи ги со аргументи, малку повеќе од оние кои што слепо се согласуваа со сите“, вели таа.

 

Тешко ли е да се биде жена во политиката?

За жал, сѐ уште живееме во општество каде што добар дел од луѓето жените ги гледаат како „домаќинки“ коишто треба само да седат дома, готват, чистат и чуваат деца – мислам дека тоа се најчестите стереотипи за жените, генерално во нашата држава. Рака на срце, не мислам дека е нешто лошо доколку некоја жена сака да се посвети на домаќинството, секој си сака различни работи и не гледам причина зошто жените не би можеле да бидат и домаќинки и успешни во својата кариера. Жените во овој, за жал, сѐ уште машки свет треба да се трудат и жртвуваат двојно повеќе за да го постигнат она кон кое што целат, но тоа дополнителни ги зајакнува и ги прави посилни. Затоа апел до сите жени пркосете им на стереотипите и не откажувајте се од своите цели.                                              

 

Какво е чувството кога ќе ви кажат дека сте меѓу најубавите пратенички?

Повеќе би сакала да ме квалификуваат како интелектуално подготвена или паметна жена отколку само убава. Но, сепак како и на секоја жена, секако дека ми годи секогаш кога ќе добијам комплимент, на тоа секогаш гледам позитивно односно како убав комплимент кој може да ви го разубави денот. Ја сакам природната убавина и се трудам секогаш да изгледам колку што е можно поприродно, да користам помалку шминка бидејќи толку и ми дозволува мојот распоред, во смисла дека сето слободно време се трудам максимално да го искористам да поминам време со моето семејство и моите најблиски. 

Сметам дека сите жени се убави на свој начин, некои се атрактивни, други симпатични, трети харизматични, не постои унифицирана дефиниција за тоа што значи убавината, таа е субјективна и уникатна, како што се впрочем и луѓето. Секој човек носи своја внатрешна и надворешна убавина- внатрешната е онаа која повеќе треба да ја одржуваме.

 

Колку е важен изгледот во професијата пратеничка?

Колку и да не сакаме да признаеме, изгледот е важен, тоа е првиот впечаток кој што го оставате уште пред да почнете да зборувате и за мене секако дека е важно да изгледам пред сѐ професионално, бидејќи сепак ги претставувам граѓаните. Изгледот има удел во тоа како ме доживуваат колегите, граѓаните и пошироката јавност; а и никогаш не може да знаете кога ќе бидете побарани од страна на медиумите, поточно треба да давате изјава, гостувате на емисија или дебата. Во таа насока, се трудам секогаш да бидам подготвена и да изгледам елегантно. Иако мојата функција како пратеничка бара од мене да посветам внимание на мојот изглед, стил на облекување сепак не би го нарекла изгледот приоритет. 

 

 

Што е она важно што една жена треба да го поседува за да успее во политиката?

Истрајност, упорност и она што е најважно според мене – смиреноста и трпеливоста, способноста да „не те извадат од кожа“ разни коментари и провокации.

Како жени сме секогаш повеќе на мета на говор на омраза и омаловажување особено по социјалните медиуми, но тоа не треба да нѐ демотивира да се откажеме, напротив, да застанеме исправено и да му докажеме на општеството дека не сме само убави, туку поседуваме и интелектуални квалитети.

 

Колку време одземаат работните обврски и има ли во текот на денот време за релаксација?

Иако работата ми го опфаќа најголемиот дел од денот, секогаш гледам два часа од утрата да си посветам на себе, да направам некој добар тренинг и подготвам некој здрав појадок – мислам дека тоа е она што ми дава енергија во текот на денот да ги завршам сите планирани обврски. И на крај им се посветувам на моите две кученца додека гледаме некоја добра серија. 

Сепак приоритет ми се граѓаните, особено младите луѓе, бидејќи сметам дека нивниот глас не е доволно слушнат и ценет во нашето општество и како координаторка на Клубот на младински прашања и политики при Собранието на РСМ, се трудам секојдневно тоа да го сменам.  

Па така, дел од мојот работен ден и секојдневие се средби со граѓаните, граѓанските организации, со кои отворено дискутираме за реалните проблеми со кои се соочуваат во секојдневието, на кој начин би можеле да се надминат за од таквите решенија да имаат сите некој бенефит, или барем поголемиот дел на некоја заинтересирана група. Другиот дел од денот го посветувам на моите формални обврски во Собранието како пратеничка. 

По работните ангажмани сум посветена и на мојот политички ангажман како потпретседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП). 

Морам да кажам дека сум навистина среќна што сум опкружена со тим од луѓе коишто се квалитетни, посветени и мотивирани, луѓе коишто секојдневно ми помагаат околу работните и партиските ангажмани и ми го олеснуваат животот. Добар тим значи сѐ на светот.

 

Постојано патувате на конференции, обуки и семинари, колку е важно човек постојано да се надоградува?

Инвестирањето во себе и стекнувањето на нови вештини секогаш ми било приоритет, уште од средношколските и студентските денови па до денес. Општеството постојано оди напред, за да не стоите во место потребно е контунирано да се развивате и да вложувате во себе. Тоа е една моја мала кратка животна филозофија која што ми дава мотивација секогаш кога ќе започнам некоја нова работа или проект да не останам пасивна во својата комфорна зона, туку да го следам чекорот на развојот. (Л.С.)