Жената од Тенеси е жива, но во критична состојба по двете смртоносни инјекции
Криста Пајк, осуденичка на смрт во Тенеси, се наоѓа во „критична состојба и прима медицинска нега за спасување на животот“ во болница, откако преживеа два обида за погубување со смртоносна инјекција, што го натера гувернерот на државата да ги запре сите погубувања за оваа година.
„Во моментов немаме сознанија за нејзината прогноза, ниту подетални информации за нејзината здравствена состојба“, изјави нејзиниот адвокат Ренди Спајви во четвртокот. „Но, знаеме дека таа е жива во овој момент“.
Нејзините адвокати сега бараат преиначување на казната, барање што претходно беше одбиено.
Затворските службеници во средата ѝ вбризгаа на Пајк две смртоносни дози пентобарбитал, но таа преживеа и бешеа пренесена во болница.
Пајк (50) била осудена на смрт во 1996 година за убиството на Колин Слемер. Пајк имаше 18 години кога таа и нејзиното тогашно момче, Тадарил Шип, ја претепале, мачеле и убиле 19-годишната Слемер.
Таа би била првата жена погубена во Тенеси по повеќе од 200 години.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, во четвртокот изјави дека истрагата за неуспешното погубување на Пајк „ќе биде темелна“, додавајќи дека „за тоа ќе биде потребно време“. „Постојат многу прашања“, рече Ли. „Граѓаните на нашата држава заслужуваат одговори на тие прашања, а токму тоа е целта на оваа истрага“.
Одделот за поправни установи на Тенеси, кој го спроведувал погубувањето, издаде соопштение во кое го брани начинот на кој бил воден случајот.
„Хемикалијата за смртоносна инјекција предвидена во протоколот постојано се покажува како ефикасна, а протоколот не предвидува дополнителни постапки надвор од оние што беа спроведени оваа вечер“.
Според судските документи, на Пајк ѝ биле дадени две дози од хемикалијата пентобарбитал – согласно државниот протокол за случаи кога првиот обид е неуспешен – но таа сепак останала жива по постапката.
„Ова погубување ѝ предизвикува непотребна агонија на г-ѓа Пајк и се одвива спротивно на нејзиното право да биде погубена без примена на сурови и необични казни“, изјавија нејзините адвокати.
Американската републиканска сенаторка Марша Блекбурн, која се кандидира за гувернер на Тенеси, ја опиша ситуацијата како „трагична“. „Иако е неопходно темелно да се преиспита што се случило и зошто процесот потфрлил, одговорот е едноставен: вратете го електричниот стол“, рече Блекбурн.