Жената најдена во ќеса убиена поради љубомора


Истрагите за двете грозоморни убиства, кои во последните денови ја вознемирија земјава, се при крај. Полицијата и обвинителите имаат осомничени и полека го склопуваат мозаикот околу мотивот и начинот на кој биле извршени свирепите убиства. Двете злосторства не се поврзани меѓусебно, иако имаат заеднички моменти.

Извори од истрагата што ја води Обвинителството за „Независен весник“ велат дека доказите упатуваат оти жената што беше пронајдена мртва во депонија кај скопското село Горно Оризари била убиена од нејзин партнер и тоа поради љубомора. Нејзиното тело спакувано во црна вреќа беше пронајдено во понеделникот попладне од страна на граѓанин што работел на својата нива. Беше алармирана полицијата, по што по наредба на Обвинителството беше извршен увид. Набргу беше утврден идентитетот на пронајдената жена, станува збор за млада скопјанка од ромска националност. На распит беа повикани неколку лица, но истрагата засега води кон нејзиниот партнер.

Што се однесува до истрагата за трупот што беше пронајден истиот ден во камионски резервоар во езерото Турија, доказите за сторителот водат кон селото Добрејци. Имено, од таму потекнува 41-годишниот М.В., кој веќе втор месец е во притвор за убиство сторено пред три месеци. Тоа упатува дека и ова второ убиство било извршено поодамна.

Начинот на извршување на ова убиство е речиси идентично како она од мај“, коментираат извори од истрагата.

Во следните денови се очекува потврда на идентитетот на убиениот, односно на мотивите за злосторството.

Јавноста засега треба да знае дека за полицијата е познат идентитетот на починатиот, но сепак, чекаме официјални резултати од ДНК-вештачењето. Веќе имаме сомнително лице кое е во притвор. Го знаеме мотивот и како е извршено и дали има поврзаност поради формата и начинот на извршување на ова со убиството кое се случи пред неколку месеци на територијата на Струмица“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Полицијата алудира на свирепото убиство на Ристо Илјашев од Струмица извршено на 7 мај годинава. Истрагата тогаш утврди дека осомничениот М.В. добро се познавал со жртвата и дента се понудил да го превезе во својот „фиат пунто“. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.

По наредба на јавен обвинител, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот. Напомош биле и видеоснимките од околните објекти. Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата.

На 20 јуни во водите во близина на браната беше пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице. Со цел да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК-анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе дента кога исчезнал.

Жителот на Добрејци беше уапсен и веднаш му беше одреден притвор. Сега се поврзува и со новото убиство кај браната Турија.

Горан Адамовски