Жена во време на коронавирус: Фризерките и козметичарките најбарани


Фризерките и козметичарките во време на коронавирус и ограничено движење со полициски час се најбарани професии меѓу жените кои и во (само)изолација им е важен изгледот и хигиената. Како и сите угостителски објекти и други продавници, во земјата така и козметичарките и фризерките ги затворија дуќаните и останаа дома за да си го сочуваат своето здравје и здравјето на најблиските.

Кој е вешт и снаодлив, може да се снајде во домашни услови да си направи депилација, маникир или педикир, кој не е, го фаќа паника и наоѓа начини и специјални контакти да си го задржи континуитетот во хигиенските навики.

Од друга страна, козметичарките и фризерките се лутат што на некои жени изгледот им е поважен од здравјето па им праќаат смс дали можат да ги примат тајно, ќе платат екстра или тие да им дојдат дома.

-Ни нам не ни е лесно. Го губиме бизнисот, ама здравјето ни е најважно. На тие клиентки им велиме да се освестат. Ќе има време и за разубавување на ноктите и на правење фризури, ама не дај боже, загубата на најблиските не може да се надомести. Чувајте го вашето здравје и здравјето на целата заедница.Најдобра заштита сега е да се остане дома, велат наши познати козметичарки и фризерки. (Л.С.)