Активисти за заштита на животната средина се залепија пред Лондонската берза


Активисти за заштита на животната средина, кои во изминатите денови протестираат во Лондон, денеска се залепија со дланките еден за друг, со што направија синџир пред лондонската берза, на последниот ден од демонстрациите со кои сакаат да ги присилат Британците да преземат акции за спречување на глобалната климатска катаклизма.

Членовите на групата „Екстиншн ребелион“, предизвикаа масовни застои во изминатите денови ширум Лондон.

Пред седиштето на Лондонската брза шест демонстранти облечени во црни костуми и црвени вратоврски ја блокираа вратата на влезот во зградата. Тие држат натписи „Кажете ја вистината“ и „Парите не можете да ги изедете“.

На железничката станица „Докланд лајтс реилвеј“, петмина демонстранти се качија на вагони и носат натписи со порака „Продолжуваме како и досега = смрт“.

Eдна активистка се залепи за вагон, јавија лондонски медиуми.

– Бизарно е тоа што мораме да го правиме за да ги натераме владите да ги послушаат научниците, вели Дајана Ворнер (60), која се залепи со дланките за возот.