Жена родена во 1970 година е првата заболена од КОВИД 19 во Македонија


 

На Клиниката за инфективни болести во Скопје е регистриран првиот случај на корона вирус во Македонија, потврдија на прес конференција премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје. Станува збор за женско лице родено во 1970 година од регионот на Скопје, кое подолго време престојувало во Италија.

„Епидемиолошките анализи укажуваат дека еден месец била во Италија во посета кај свои роднини и веќе две недели била болна. Тоа дава право да заклучиме дека инкубацијата е помината и нема опасност да се прошири вирусот. Сега се прават анализи и тестови кај сите патници кои со неа дошле во земјава. Тие ќе бидат ставени во изолација“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче апелираше да не се создава паника, а сите компании кои имаат вработени кои престојувале во Италија, да им овозможат да не доаѓаат на работа 14 дена, со цел да се превенираат евентуални инфекции со корона вирусот. Истото се однесува и на учениците во училиштата.

„Сега имаме нова ситуација која што налага и нов начин на однесување“, рече Филипче.

Зборувајќи за употребата на заштитните маски, Филипче нагласи дека тие можат да создадат дополнителен ризик за здравите лица и додаде дека треба да ги носат инфицираните.

Лицето кај кое е регистриран вирусот, влегло утрово по 2 часот по полноќ во Македонија преку граничниот премин Табановце и веднаш била упатена во Инфективната клиника. Во моментов е свесна и дише самостојно, беше речено на прес конференцијата.

„Лицето било спроведено до местото на хоспитализација согласно сите протоколи и сега е на интензивна нега и под будно око на лекарите, целосно изолирана до другите пациенти“, истакна д-р Караџоски.

„Согласно алгоритмите кои ги применуваме сите патници од Италија што доаѓаат во земјава се третираат како лица што доаѓаат од земја каде што е регистриран корона вирусот. На овие лица граничната полиција им поставува шест прашања и доколку некој од нив каже дека има некакви симптоми, тоа се тргнува на страна во просторијата за изолација“, рече Караџовски. Тој уверува дека медицинските служби и надлежните институции се целосно подготвени да одговорат на секоја ситуација.

„Населението треба да биде мирно“, рече д-р Караџоски.

Премиерот Оливер Спасовски, апелираше за одговорно однесување на сите граѓани. Тој рече дека во овој момент нема потреба до било какво одложување или откажување на јавните манифестации, но дека Кризниот штаб кој што е формиран ја следи ситуацијата и ќе постапува како што ќе налага ситуацијата. Тој им порача на граѓаните целосно да се придржуваат до препораките што ги има изготвено Министерството за здравство.

„Сите државни служби се целосно подготвени да реагираат на новонастанатите услови. Нема причина за паника бидејќи е воспоставена контрола. Нашите институции располагаат со стручни кадри и опрема за да одговорат на предизвикот“, рече премиерот Спасовски и уште еднаш апелираше граѓаните да се однесуваат одговорно, особено преку социјалните мрежи и да не шират лажни вести и паника.

Подетални информации најавија за следната прес конференција што ќе се одржи во 20 часот. (Н.В.)