Жена, колку гордо звучи


Најубаво во животот е да бидеш жена, горда и успешна, остварена мајка, сопруга и работник во средина која те почитува, која на 40 години не ве вика тетке, која не ви префрла за паметта, изгледот, килограмите или за амбицијата. Која не ви ги брои годините, брчките, стриите и партнерите, млади и стари, и не ве гледа како објект.

За да успеете, тука и во светот, цел живот треба да изгледате како девојче, да имате сила како Wonder Woman, да се однесувате како дама и да размислувате како тинејџерка.

Секогаш треба да сте здрава, насмеана, расположена и кога ви е тешко, да криете болка, да не се плашите, да не се жалите, да бидете достапни 24 часа, да се откажете од приватниот живот и да молчите дека заработувате помалку од мажите.

Не е лесно да сте жена-365 дена во годината, во светот на мажите, ама не би се менувале со нив ниту еден ден.

Стереотипите и традицијата сѐ уште не се на наша страна, ама знаењето, снаодливоста и интуицијата никој не може да ни ги земе.

Од маж како непријател, полошо е само жена да ви е непријател (заради изгледот, успехот и популарноста) , ама пак жена на жена е најголем пријател, поддршка, утеха и надеж кога се борите со болеста, со домашното насилство, против табуата, против неправдата, кога ви треба рамо за плачење и кога ви треба некој да ве разбере.

Сѐ уште:

Ако сте млади, неискусни сте.

Ако сте стари, ќе ве заменат за млади.

Ако сте со постари, срам да ви е.

Ако сте со помлади, пак срам да ви е.

Ако сте немажени, нешто ви фали.

Ако сте разведени, пак нешто ви фали.

Ако сте постојано со пријателки, сигурно сте лезбијка.

Ако сте постојано со пријатели, сигурно сте лесна дама.

Ако сте енергични, ко машко сте.

Ако сте нежни, нема да ве сфатат сериозно.

Ако ја скратите косата, сигурно сте болни.

Ако пуштите долга коса, види, сака да се подмлади.

Ако ослабите, нешто не е во ред со вас.

Ако се здебелите, сигурно сте бремени.

Оние што секогаш добро зборуваат за жените, не ги познаваат доволно.

Оние, пак, што зборуваат само лошо, не ги познаваат воопшто.

Тешко е со жена.

Тешко е без жена.

Уште потешко е да разбереш жена.

Најтешко е да живееш со жена.

Пробај да се разведеш од жена.

Затоа дами мои, вистинското женско пријателство нема цена, има само љубов, не не дели на наши и ваши, на за и против, нема врска со годините, стилот или верската и политичката припадност.

И овој ден, помалку подароци, повеќе самодоверба!

Лејла Сабит