Жељазков му кажал на Кошта дека процесот на пристапување на Македонија во ЕУ нема да го претвори во билатерален


Бугарскиот премиер Росен Жељазков денеска остварил средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пред почетокот на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел. Како што јави БГНЕС, Жељазков на средбата порачал дека Бугарија ќе се држи до својата позиција од изгласаната Декларација во бугарскиот парламент, нема да поставува допонителни услови за Македонија и нема да го претвори процесот во билатерален.

„На почетокот на Европскиот совет, имав средба со претседателот Кошта. Разговаравме детално за проширувањето на ЕУ, а особено на Република Северна Македонија врз основа на принципот на сопствени заслуги“, изјави Жељазков за БГНЕС.

Тој додаде дека бугарскиот став е целосно во согласност со оној изразен во декларацијата на Националното собрание од мај оваа година, која дава доволно гаранции на РСМ дека Бугарија нема да поставува никакви различни услови, ниту ќе го претвори процесот во билатерален, и дека тој ќе се смета од страна на Бугарија како земја-членка на ЕУ и од Европскиот совет како однос меѓу ЕУ и РСМ.

„Го замолив Кошта да им обрне внимание на колегите од РСМ дека говорот на омраза не помага во овој процес, вклучително и во заемниот дијалог меѓу двете земји, кој треба да се базира на Договорот за добрососедство“, изјави Жељазков. 

Според Жељазков, од Кошта добил уверување дека Советот строго ќе се придржува до компромисот од 2022 година.

Според него, темата за идентитетот и јазикот во извештајот на Европскиот парламент е обид да се одвлече вниманието на јавноста во Бугарија и во Македонија од главното прашање за заштита на човековите права на Бугарите во Македонија.

„Ние, како мудра земја членка на Европската Унија, со доза на воздржаност, ги контролираме емоциите и реакциите во однос на тие шеги од нашите колеги од РСМ, кои можеби наоѓаат основа поради претстојните избори наесен таму“, изјави Жељазков, кој додаде дека главното прашање е промена на Уставот, со вметнување на Бугарите како заедница и почитување на човековите права и потребните гаранции за тоа.

„Бугарија не поставува никакви услови на оваа тема, туку само сака спроведување на консензуалниот компромис од 2022 година“, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков.