Железници ниту плата даваат законски, ниту прават соодветен попис


Фото: Б. Грданоски

Државниот завод за ревизија се воздржува од давање мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година, во конечниот ревизорски извештај на Железници на РСМ – Транспорт АД, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики изразува неповолно мислење.

Државниот завод за ревизија извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје за 2020 година и ги утврдил следните клучни состојби:

– нереална проценета вредност на активата по основ на евидентиран гудвил, односно средствата на Друштвото на датумот на известување се преценети, а акумулираните загуби потценети за износот на евидентираниот гудвил;

– пресметката на плата за вработените не е согласно законски и подзаконски акти;

– со посебен акт не е утврден начинот на вршење на попис и истиот не е целосно спроведен со состојба 31.12.2020 година;

– необјективно искажување на позициите за краткорочни побарувања од купувачи и краткорочни обврски кон добавувачи;

– недоследности во постапките за доделување на договори за јавна набавка.

Ревизорот, во извештајот како прашања за неизвесност и континуитет ги истакнува континуираната годишна загуба на Друштвото и недоволното средства на годишно ниво за субвенционирање на трошоците за патнички сообраќај од Буџетот на државата како услуга од јавен интерес, како и тоа што има судски постапки кои се во тек во кои тужена страна е Друштвото во износ од 154.018 илјади денари.

Клучни препораки од Државниот завод за ревизија до Железници на РСМ – Транспорт АД се:

-донесување на правилник за плати, усогласување и утврдување на критериуми за пресметка на плата;

-утврдување на точноста на почетните состојби и влезните податоци во трговските книги и финансиски извештаи;

-донесување на акт за вршење на попис и вршење на целосен годишен попис со усогласување на сметководствената со фактичката состојба;

-водење на постапките за јавна набавка и реализација на склучените договори согласно пропишаните одредби.

Од Државниот завод за ревизија, исто така, посочуваат дека не се добиени забелешки на нацрт извештајот од одговорното лице од Железници на РСМ – Транспорт АД.