Железничкиот сообраќај меѓу Куманово и Табановце редовен

Поради гаснењето на синоќешниот пожар што зафати стари дрвени прагови за пруга кај железничката станица Куманово, од безбедносни причини беше исклучен напонот за електровлеча меѓу железничката станица Куманово и железничката станица Табановце во 17.35 часот, информира Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје.

Според Железници, сообраќајот на возовите меѓу железничката станица Куманово и железничката станица Табановце се одвива редовно за патнички и товарни возови со провлекување на возовите со дизел локомотиви.

Екипите на Јавното претпријатие заедно со противпожарната бригада од Куманово учествуваа во гаснење и локализирање на пожарот.