Жбогар не гледа потреба од ветинг во судството

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во моментов не гледа потреба од ветинг во судството. Пораката ја испрати по гласните пораки на власта дека судството мора да помине низ овој процес. Шефот на мисијата на ЕУ во земјава смета дека ветингот би требало да биде последно решение бидејќи судството него не било во така лоша состојба.

„Ветингот секогаш е последна опција. За ветингот има еден предуслов, тоа е консензус од сите политички страни. Значи тоа е последното решение и во моментов не гледаме дека имаме потреба за такво нешто“, рече Жбогар.

Жбогар најави дека мисијата на ЕУ, ќе биде присутна и во судница.

„Ние ќе продолжиме со нашата поддршка како во минатото така и во иднина. За следната година планираме проект за мониторирање на случаите со висока корупција и веруваме дека ова ќе го подобри функционирањето на судството“, додава Жбогар.

Артан Груби од ДУИ по децидната порака на Жбогар дека ветинг не е потребен, сепак гледа неопходност од овој процес.

„Првично, меѓународната заедница, особено ЕУ беше против за да не се загрозува добивањето на датумот на самитот на Советот на ЕУ во октомври, но рекоа дека после октомври дека може да продолжиме со политиките за ветинг кои сега гледаме дека се прифатени и од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, но и од фелата, вклучувајќи ги и они од Антикорупциска, обвинителство и судство“, рече Груби.

Ветингот во судството е ветување на СДСМ, дадено на предвремените парламентарни избори во 2016 – та година. Овој процес беше најавуван лично тогаш од лидерот на партијата Зоран Заев, а сега повторно се актуелизира во пресрет на новите предвремени парламентарни избори на пролет. Премиерот и денеска порача дека судиите треба да бидат проверени со каков имот располагаат од Анткорупциска координирано со УЈП, Катастарот и Централниот регистар.