„Жан Митрев“ ќе утврдува присуство на мутирани соеви на SARS-CoV-2 во државата


Поради појавата на нов вирусен субтип со зголемена преносливост во Велика Британија, лабораторијата за генетика и персонализирана медицина од Клиничката болница „Жан Митрев“ од денеска повторно почнува со секвенционирање на SARS-CoV-2 примероци. Целта е утврдување на можно присуство на мутирани соеви од овој вирус кај македонски пациенти.

Од „Жан Митрев“ посочија дека во текот на наредниот период ќе ги информираат надлежните институции и јавноста за добиените резултати.

Од болницата соопштија дека според препораките на Европскиот центар за заразни болести (ЕДЦ) неопходно е да бидат навремено преземени чекори за утврдување на постоење и следење на ваквите еволуции на вирусот.

-Самиот факт дека генетската еволуција на SARS-CoV-2 вирусот може потенцијално да влијае на антигенските својства, неговата преносливост и јачина, се доволен показател дека треба да бидат земени предвид при планирање на следните чекори за справување со ширењето на истиот. Затоа ние како општествено одговорна лабораторија почнувајќи од денеска, ќе започнеме со собирање на примероци од македонски пациенти позитивни на корона вирусот и по добивање на нивна согласност истите ќе бидат дополнително секвенционирани на наш трошок, за да утврдиме присуство/отсуство на новиот мутиран сој SARS-CoV-2, познат како VUI – 202012/01, соопштија од болницата.

Оваа иницијатива ќе се реализира во следните неколку месеци, со што како што посочија од болницата, ќе може да се утврди еволуцијата на вирусот на македонско тло.

За овој проект од „Жан Митрев“ информираат дека се во комуникација со локалната канцеларија на СЗО и дипломатските претставништа, од кои очекуваат поддршка која ќе обезбеди аргументирано и интелектуално издржано известување во борбата против лажните и извадени од контекст информации. Ги покануваат сите институции и капацитети, јавни или приватни доколку имаат можност да се приклучат во оваа борба.