Зградите на „Фиком“ станаа опасни – „Антигона“ почна да скапува


Двете згради, „Антигона 1“ и „Антигона 2“, едната со зелена фасада, а другата карабина, уште стојат кај Стара рампа како потсетување на најголемата градежна афера со станови, позната како „Фиком“. Но, вниманието на граѓаните кои секојдневно поминуваат покрај двете згради го привлекоа градежните работници качени на покривот на зградата „Антигона 2“. Првин беше тргната оградата на зградите, а потоа почнаа градежните активности. Вчера пред „Антигона 2“ беше паркиран камион од фирмата „Карпош“. Оние работници што беа качени на покривот ги симнуваа гредите со мини-кран. Граѓаните што пред повеќе од десет години дале пари за стан, но останале со празни раце, почнаа да се интересираат дали можеби за зградата се нашол некој инвеститор и ќе доградува. Но, работниците што беа во камионот ни рекоа дека зградата не ја доградуваат туку го тргаат постојниот покрив оти веќе скапал. Зградите кои со години стојат неизградени веќе почнаа да претставуваат закана за минувачите.

Од фирмата „Карпош“ ни изјавија дека се ангажирани единствено за отстранување на покривот, односно дрвената конструкција која повеќе од една деценија ја печеше сонце, ја врнеше дожд и ја дуваше ветер. Конструкцијата веќе скапала и станала небезбедна за минувачите. Фирмата ја ангажирал одборот на доверители, кој добил налог од инспекцијата. „Ние само сме ангажирани за отстранување, другото не е наша работа“, ни изјавија од фирмата.

Според нашите непотврдени информации, оваа зграда, „Антигона 2“, не е под хипотека, но што точно зела Еуростандард банка не се знае. Од банката, која имаше дадено кредит на брачниот пар Николиќ за да ги гради зградите и потоа бараше да ѝ бидат вратени парите, велат дека немаат ништо конкретно со оваа зграда, но други информации не откриваат. Неофицијално, тргањето на покривот го наложила Општина Кисела Вода, откако одборот на доверители заседавал минатата недела и донел одлука за 800.000 денари да се тргне распаднатата конструкција. Сопственици на локацијата на која е карабината за „Антигона 2“ се пет семејства, но тие не се во одборот на доверители.

Стечајната управничка Весна Спирковска ни рече дека не може да дава никакви изјави. „Има портпарол на Основен суд 2, ќе се обратите таму“, рече Спирковска. Но, во Основниот суд Скопје 2 велат дека судијката која го води случајот е на боледување и не можат да кажат кога ќе се врати.

Градежната афера „Фиком“ медиумите ја открија во 2006 година кога група граѓани тврдеа дека нивниот стан бил продаден уште на неколку лица. Претходно сопствениците на „Фиком“, сопружниците Николиќ, успеале да измамат многу луѓе ветувајќи им евтини, модерни станови, речиси во центарот на Скопје. Во седум згради во централното градско подрачје тие продавале станови по цена од 450 до 500 евра за квадратен метар, без склучен договор. За измамата да биде уште поголема, еден стан го продавале на повеќе лица. Стотици семејства беа оштетени, становите ги платија, но не добија дом.

Сопственикот Никола Николиќ беше осуден на 24 години и 2 месеци затвор, а неговата сопруга на 12 години затвор. Во 2015 година, неколку дена пред првиот слободен викенд, Николиќ беше најден обесен во затворот во Штип под сомнителни околности. Неговата сопруга Весна Николиќ излезе од затвор поради здравствени проблеми.

Во 2014 година Врховниот суд ги преиначи пресудите на Основниот суд Скопје 2 и на Апелацискиот суд кои беа во прилог на оштетените и ја уважи ревизијата на тужената Еуростандард банка. Банката тврдеше дека кредитот што ѝ го дала на „Фиком“ во вредност од 1,5 милион евра го дала законски врз основа на нотарски акт за хипотека врз недвижен имот и немала сознание за незаконските дејствија.

Оштетените бараа повторување на постапката бидејќи нашле нови докази, предметот сега е во Апелацискиот суд, но од таму нема одговор. Во меѓувреме Еуростандард со налог за извршување врз недвижност сакаше да стане сопственик на зградата „Антигона 1“. Иако Николиќ го приватизирал земјиштето, сепак тоа не е ставено под хипотека, туку само идниот објект кога ќе биде изграден.

Сепак, никој од измамените не доби ниту денар, а случајот уште се влече низ судовите и тешко се доаѓа до информација што се случува.

Фросина Факова-Серафиновиќ