Зголемувањето на референтната каматна стапка не би требало да влијае на банкарските кредити, вели Битиќи


Зголемувањето на референтната каматна стапка не би требало да влијае врз зголемувањето на банкарските камати, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања во Охрид рече дека се работи за стандардна мерка која Народната банка ја презема за да ја осигура стабилноста на денарот и да интервенира поради увезената инфлација.

– Сметам дека зголемувањето е толку мало и не би требало да има зголемување на банкарските камати. Само за потсетување, ќе кажам дека во изминатите две години откако сме во криза, каматите се намалени од Народна банка за скоро еден процентен поен. Мислам дека во банкарските камати немаше таква реакција да се зголемат на повеќе од еден процентен поен и моето очекување е дека нема да има во ниту еден момент зголемување на банкарските камати, истакна вицепремиерот Битиќи.