Зголемените плати во Кабинетот на Пендаровски требало да бидат предвидени во Буџетот, велат од МФ


Фото: Б. Грданоски

Зголемените плати во Кабинетот на Претседателот на државата требало да бидат предвидени во Буџетот кој е усвоен од страна на Собранието, појаснуваат од Министерството за финансии.

„Секоја дополнителна обврска што се презема од страна на институциите во однос на исплата на плати, како и секоја друга финансиска обврска во буџетот, треба да биде предвидена во рамки на усвоениот Буџет во Собранието, бидејќи секторот трезор, може да реализира само налози кои се во согласност со усвоениот Буџет од страна на Собранието“, се вели во соопштението кое Министерството го упати до медиумите.

Од Министерствот исто така додаваат дека сите дилеми кои евентуално се појавуваат во некоја институцијата, во врска со реализацијата на буџетот, Министерството за финансии, преку задолжените сектори, во отворена комуникација со истите институции, вклучително и Кабинетот на претседателот на РС Македонија, ги решава прашањата во рамки на законските прописи.

Инаку, претходно од Кабинетот на Претседателот Пендаровски потврдија дека не биле испалтени платите, како и дека од Министерствот за финансии добиле образложение во кое што се вели дека во Буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во Кабинетот на претседателот, што го сметаат за неосновано, бидејќи, како што појаснија, ова зголемување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот.

„Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, соопштија од Кабинетот на Претседателот Пендаровски, повикувајќи се и на склучениот Колективен договор.

Од Министерството за финансии пак, велат дека процесот на исплата на платите на вработените во јавниот сектор е регулирано и се спроведува врз основа на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети, а согласно обезбедените финансиски средства.

„Тоа е процес кој Министерството за финансии, го спроведува преку секторот буџет и секторот трезор, кои постапуваат согласно предвиденото во усвоениот Буџет и законските одредби“, велат од министерството.

Од таму додаваат дека Министерството за финансии е институција одговорна за подготовка и реализација на буџетот и тоа се извршува ефикасно, професионално и одговорно, во континуитет, од страна на надлежните сектори во Министерството за финансии, поточно секторите буџет и трезор, бидејќи станува збор за пари на граѓаните.