Зголемени приходи, намалени загуби – за пекарите, 2022 не била лоша година за работа
Пораст на приходите од редовните активности, зголемен профит или намалување на загубите во споредба со претходно. Компаниите од мелничко-пекарската индустрија кои котираат на Македонската берза не можат да се пожалат на лоши резултати во работењето, покажуваат финансиските резултати кои самите тие ги доставиле до берзата.
Инаку, токму поголемите производители на леб донесоа одлука да престанат со производството и дистрибуцијата на бел и полубел леб, откако владата во вторникот донесе одлука за замрзнување на цената на овој леб на 33 денари.
Жито Лукс АД Скопје лани имал вкупен приход од редовните активности во висина од 1.228.109.000 денари, што претставува зголемување на остварените приходи во споредба со 2021 и 2020 година. Оперативната добивка на оваа компанија во 2022 година изнесувала 8.381.000 денари, наспроти минусното салдо од 5.328.000 денари на крајот од 2021 година. По оданочувањето, скопски Жито Лукс лани отишол во минус од 7.675.000 денари, додека една година претходно, неговата загуба по оданочувањето била над 17,6 милиони денари, покажува неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за 2022 година.

Минатата, 2022 година, била поуспешна во работењето и за Жито Полог АД Тетово, кој остварил зголемени приходи и добивка. Тетовската мелничко-пекарска индустрија лани остварила приходи во висина од 406.342.000 денари од продажба на своите производи, што е највисока сума од 2020 година до денес. Притоа, оперативната добивка на Жито Полог АД Тетово во 2022 година се зголемила на 18.446.000 денари, додека добивката по оданочувањето пораснала на 14.941.000 денари, се наведува во неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за 2022 година. За разлика од лани, една година претходно, тетовското акционерско друштво имало профит од 3.148.000 денари, додека во 2022 година севкупната добивка изнесувала 12.752.000 денари.

Намалена активност во работењето лани забележало кичевското акционерско друштво Жито Караорман, и тоа во првите девет месеци од 2022 година. Нивните приходи од продажба изнесувале 55.705.000 денари, но сепак, вкупната добивка на крајот од септември 2022 година била заокружена на 576.000 денари, се наведува во неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за периодот 1 јануари-30 септември 2022 година. Извештајот за остварената добивка за 2022 година Жито Караорман АД Кичево треба да го објави до 15 март годинава.
Податоци за финансиското работење на другите акционерски друштва од мелничко-пекарската индустрија за 2022 година треба допрво да се објават на веб-страницата на Македонска берза. (Мета.мк)