За да го гледаат филмот „Мери Попинс“ децата ќе треба да бидат под родителски надзор

Класикот ја смени својата ознака од филм што секој може да го гледа во филм кој бара родителски надзор поради „дискриминаторски јазик“


Британскиот одбор за класификација на филмови (BBFC) ја зголеми старосната граница за филмот „Мери Попинс“ бидејќи содржи „дискриминаторски јазик“.

Филмот од 1964 година, кој беше означен со буквата U (за „универзално“) како дело што секој може да го гледа без ограничувања, сега ја носи ознаката дадена на филмовите за кои е потребен родителски надзор, односно PG (кратенка за родителски надзор).

Во прашање е зборот хотентоти (Hottentots), кој сега е означен како погрден.

Во филмот, кој освои пет Оскари, оџачарите со саѓи се нарекуваа со овој збор, што според британските цензори е погрден збор.

Уште во 17 век, холандските колонисти ги нарекувале племињата на една етничка група во Јужна Африка „Хотентоти“.

BBFC рече дека „ги надминува упатствата“ за филмови што може да ги гледа секој.

Адмирал Бум, сосед на семејството Бенкс, каде Мери Попинс служеше како дадилка, и ветеран од морнарицата кој мисли дека сè уште е капетан на бродот, го кажува зборот двапати.

Дејствието на филмот се одвива во Лондон во 1910 година и е за дадилка која може да лебди, која ја игра Џули Ендрјус.

Таа се грижи за децата и ѝ помага Берт, пејачот оџачар, кој го игра Дик ван Дајк.

Филмот освои пет Оскари во 1965 година, вклучително и за најдобра актерка и за најдобра песна.

Британскиот филмски регулатор соопшти дека претходно го класифицирал филмот во 1964 година и во 2013 година, кога повторно бил прикажан.

Филмот беше повторно доставен до BBFC во февруари 2014 година за нова проекција и потоа беше одлучено да биде оценет како PG, што подразбира родителски надзор поради употребата на дискриминаторски јазик.

„Дискриминаторскиот термин „Хотентоти“ се користи двапати во филмот „Мери Попинс“.

„Иако филмот има историски контекст, употребата на дискриминаторски јазик … не е во согласност со упатствата за прифатлив јазик за филмовите со оцена „U““, рече портпаролот на BBFC.

Оксфордскиот англиски речник наведува дека терминот, кој се користел за домородците од јужна Африка, се смета за „застарен и навредлив“.

ББФЦ соопшти дека нивното истражување за расизмот и дискриминацијата покажало дека луѓето, особено родителите, биле најмногу загрижени за „потенцијалната изложеност на децата на дискриминаторски јазик или однесување што може да им биде вознемирувачко или што може да го повторат или имитираат без да сфатат дека може да биде навредливо“.

Организацијата наведува дека рејтингот „PG“ значи дека филмот „не треба да вознемирува дете на возраст од околу осум или повеќе години“ и дека „децата од која било возраст можат да го гледаат филмот без родители, но родителите се советуваат да размислат дали содржината може да биде вознемирувачка за помладите или почувствителните деца“.

Оценката „U“ значи дека филмот треба да биде „погоден за публика од четири години и повеќе“, иако додава дека „не е можно да се предвиди што може да го вознемири детето“.