Зголемен интересот за вакцини против голема кашлица


Вакцинирање дете Фото: (Б. Богдановска)

Зголемен е интересот за вакцинација против пертусис, народски кажано голема или магарешка кашлица, изјави денеска заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева, по посетата на поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

– Добрата вест е дека е зголемен интересот за вакцинација, а тоа го покажуваат и бројките. За период од 01.01-08.02.2024 година имало 669 вакцинирани деца од предучилишна возраст, во следниот период, односно од 09.02 – 21.02.2024 година се вкупно вакцинирани 872 деца. Исто така, комплетно вакцинирани со пертусис на училишна возраст во периодот од 01.01-08.02.2024 година биле 127 деца, а во следниот период – 264 деца, информираше Манолева.

Превентивната здравствена заштита во поликлиниката „Јане Сандански“, како што посочи, е организирана во ординации за примарна здравствена заштита на предучилишни деца до шест години со вакцинација, како и ординации за примарна здравствена заштита на училишни деца и млади до 18-годишна возраст. На овој начин е организирана и поликлиниката во Драчево.

Во овие поликлиники до 9 февруари работата на ординациите била организирана во една смена од 07:30 до 15:30 часот од понеделник до петок, но по укажувањето oд Министерството за здравство, ординацијата за ПЗЗ на предучилишни деца во поликлиникатa „Јане Сандански“ сега работи во две смени од 07:30 до 20 часот и сабота од 08 до 14 часот.

Службите од овој пункт, како што нагласи таа, интензивно работат на пронаоѓање пропуштени и невакцинирани деца против голема кашлица и тие се повикуваат за вакцинирање.

Во однос на предлогот на Комисијата за заразни болести да не се примаат во градинка децата кои не се вакцинирани, Манолева упати на одговор во Министерството за труд и социјална политика.

– Тоа ќе треба да ги прашате МТСП. Мислам дека ДСЗИ имаше некои контроли, меѓутоа ќе ми оставите простор да ја проверам таа информација дали имаше контроли во детските градинки и дали се примаат само вакцинирани деца. Сметам дека опфатот, зголемувањето на опфатот со вакцинација е она што е клучно за да се справиме со целата ситуација, но, секако и сите други препораки што ги даде Комисијата за заразни болести за да можеме соодветно да одговориме, не само во овој период од месец – два, туку и во наредните периоди што ни следуваат, а што може да бидат критични за ширење на ова заболување, рече Манолева.

Заменик министерката уште еднаш ги повика родителите да ги вакцинираат нивните деца, зашто, како што подвлече, тоа е единствената безбедна превенција и најдобра заштита од ова заболување.