Зголемен фондот на турнирот – еве колку ќе заработат оние кои ќе победат на Австралија опен


Наградниот фонд на Австралија опен е зголемен за 13 отсто и ќе изнесува 59,1 милиони американски долари, објавија организаторите на првиот тениски Грен слем турнир во сезоната, кој започнува на 14 јануари во Мелбурн.

„Го зголемивме наградниот фонд за секое коло на Австралија Опен со големи зголемувања во квалификациите и раните рунди во сингл и двојки“, рече директорот на турнирот Крег Тајли.

„Од клучно значење за континуираниот успех на Австралија Опен е да обезбедиме адекватно компензирање на најдобрите играчи во светот бидејќи знаеме дека тоа им овозможува на играчите да инвестираат во сопствените кариери и во многу случаи им помага да се подготват за успех во текот на целата сезона. ” тој додаде.

На пример, настап во првиот круг носи 82.000 долари, а победниците во машка и женска конкуренција ќе добијат по 2,1 милион американски долари.

Лани, Австралија опен го освоија Србинот Новак Ѓоковиќ и Белорусинката Арина Сабаленка.

Лани наградниот фонд за Ролан Гарос беше 54,9 милиони американски долари, за Вимблдон 56,9 милиони, а за УС Опен 65 милиони долари.