Зголемен бројот случаи на Ковид-19 во Грција

Епидемиолошкиот индекс Р0, односно репродукцискиот број на коронавирусот во Грција останува под нула и во изминатата седмица бил 0,4 и покрај зголемениот број позитивни случаи во земјата, во просек 35 дневно, наспроти 25 една седмица претходно, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите ги соопшти последните податоци од седмичниот извештај за Ковид-19, истакнувајќи дека „епидемиолошката слика на Грција останува многу подобра од повеќе европски земји”, но додаде дека тоа, не смее да биде причина за опуштање.

Во периодот меѓу 8 и 15 јули, освен зголемување на просечниот број дневни случаи има зголемување и во Солун и Атина, во просек осум дневно.

-Се констатира зголемување на случаите, кое што се должи на увезените случаи, но и на внатрешната опуштеност. Ова доведе до зголемување на бројот на хоспитализирани лица, но остануваат на ниско ниво и најважното, не водат до загуби, рече Пецас и објасни дека значително е зголемен и бројот на тестови, во просек, во јули биле направени 5.000 тестови дневно, во кои се вклучени и тестовите во внатрешноста на земјата и тестовите што им се вршат на туристите.

За почитувањето и придржувањето кон мерките и правилата, портпаролот на грчката Влада повтори дека се интензивираат и инспекциите, а за прекршувачите се предвидени казни.

Пецас, на редовниот брифинг со новинарите соопшти дека директните летови од Шведска кон Грција ќе започнат два дена порано, односно на 20 јули, а не на 22 како што беше првично најавено.

Во однос на информациите во грчките медиуми дека Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција, предложила задолжителна употреба на маска во затворен простор, Пецас рече дека не постои таква препорака и станува збор за индивидуални ставови на дел од членовите.

Паралелно, најави дека секој вторник, заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас ќе одржува прес конференции што ќе се однесуваат на оперативните теми поврзани со корона вирусот.