Зглобните автобуси се враќаат на скопските улици

Дванаесет зглобни  и 21 единечни автобуси ќе набави Градот скопје за потребите на ЈСП Скопје со договорот што во средата го потпишаа градоначалникот и производителот МАН.

Најдоцна за седум месеци скопјани ќе се возат во нови, нископодни автобси со капацитет од 85, односно 149 патници.

Со овие автобуси на гас се заштедуваат по 25.000 евра годишно по автобус за гориво.

– Мојата заложба, заложбата на Град Скопје е креирање јавен транспорт кој ќе биде и економски ефикасен и кој нема да ја загадува животната средина. Денеска го потпишуваме договорот со еден од најреномираните светски производители на автобуси „МАН“ за набавка на новите автобуси кои ќе бидат во Скопје најдоцна за седум месеци од денот на потпишувањето на овој договор, рече Шилегов.

Споредено со потрошувачката на старите дизел автобуси овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво што, како што рече Шилегов, дополнително ќе ги намали трошоците на работењето на ЈСП „Скопје“.

– Еден еко автобус заштедува до 25.000 евра годишно само за гориво. Најголемата предност е што емитуваат значително помалку СО2 или речиси воопшто не го загадуваат воздухот, посочи градоначалникот на Скопје.

Шилегов најави дека новите автобуси се квалитетни, со двојно поголем капацитет и најважно е што не загадуваат. Минатата година низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко-автобуси од различни производители, имаше три автобуси на гас и еден електричен. Шилегов додаде дека целта била да се стекнат искуства и најдобро да оцени кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во главниот град.(Б.Б.)