Зери: Тачи е подготвен веднаш да распише предвремени избори


Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска соопшти дека е подготвен веднаш да распише вонредни парламентарни избори, доколку, како што наведе, политичките партии не се во состојба да одговорат на новонастанатата политичка ситуација.

Тачи истакна дека за Косово е од суштинско значење да добие нова, функционална, ефикасна, инклузивна и експедитивна влада која ќе ги унапреди важните процеси, пренесе приштинскиот весник Зери.

Во соопштението по средбата со претседателот на централната изборна комисија Валдете Дака, се наведува дека било разговарано за подготвеноста на оваа институција да организира предвремени избори, доколку тоа биде потребно.

Во соопштението се наведува и дека, во согласност со уставот, законите и овластувањата, ќе се исцрпат сите можности да се изнајде одговор за новата политичка реалност, во консултации со политичките партии застапени во косовскиот Парламент.

-Доколку политичките партии не бидат во состојба да одговорат на оваа нова политичка реалност во разумен рок, подготвен сум веднаш да распишам нови избори, наведе Тачи .

Тој додаде дека претседателката на ЦИК му кажала дека оваа институција е  подготвена во било кое време да организира предвремени избори.