Земјотреси во познати летувалишта во Грција и во Хрватска


Два земјотреса што се случија утрово ги вознемирија туристите и мештаните во Дубровник, Хрватска и во Лефкада, Грција.

Имено, едниот земјотрес е регистриран на територијата на Босна и Херцеговина, но бил почувствуван и во Дубровник.

Во Херцеговина утрово во 7 часот и 21 минути е регистриран земјотрес. ЕМСЦ известува дека магнитудата била 3,3 степени според Рихтеровата скала.

Епицентарот бил во близина на Столац, а земјотресот бил почувствуван и на југот на Хрватска.

Луѓето од Дубровник и дубровничката жупанија на веб-страницата ЕМСЦ пишуваат дека двапати се тресело и дека земјотресот не бил толку силен, туку дека ги исплашил, пишува Телеграф.

Вториот земјотрес бил со епицентар во морската област, осум километри западно/југозападно од градот Василики Лефкада, објави Катимерини во соопштението од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Претходно Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека земјотресот се случил на многу мала длабочина од два километри и бил со јачина од 5,2 степени.

Лефкада е грчки, јонски остров, популарен меѓу туристите од нашата земја.

Нема извештаи за повредени или материјални штети на Лефкада или на други блиски острови во Јонското Море, пишува Greekreporter.

Врз основа на прелиминарните сеизмички податоци, земјотресот најверојатно го почувствувале многу луѓе во епицентралното подрачје. Не требало да предизвика значителна штета освен предмети што паѓаат од полиците или скршени прозорци.