Земјотрес со сила од 6,2 степени го погоди Тајван


Земјотрес со сила од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска источниот брег на Тајван, соопшти метеоролошкиот завод на островот, а агенциите велат дека тој бил почувствуван и во главниот град. Засега нема извештаи за жртви или материјална штета.

Земјотресот е регистриран непосредно пред пладне по локално време (6 часот по средноевропско време) на околу 30 километри од брегот на округот Хуалиен, на мала длабочина од околу шест километри. Американскиот геолошки институт (USGC) соопшти дека јачината на земјотресот бил помал, со магнитуда од 5,9 степени и дека бил на длабочина од 12 километри.

Тајван често е погоден од земјотреси, бидејќи се наоѓа во близина на спојот на две тектонски плочи. Некои земјотреси со сила од 6,0 или поголема може да бидат смртоносни, иако многу зависи од тоа каде се случил земјотресот и на која длабочина. Посилен земјотрес од 6,9 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот брег на Тајван во средината на септември, кога едно лице загина, а неколку згради се урнаа или беа оштетени.