Земјотрес со јачина од 5,5 степени во близина на грчкиот остров Крит


Во морскиот дел меѓу островите Касос и Крит, час и половина по полноќ беше регистриран земјотрес со јачина од 5,5 степени, што бил почувствуван во повеќе делови на земјата, а нема информации за повредени или материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот бил 62 километри северозападно од Касос, додека пак Евро- медитеранскиот сеизмолошки центар издал предупредување за цунами.

Сеизмологот Ефтимиос Лекас за грчката телевизија ЕРТ објасни дека предупредување е веќе поништено и  дека не постои причина за загриженост.