Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди Токио, еден ден по предупредувањето за мегаземјотрес


Земјотрес со јачина од 5,3 степени денеска го погоди Токио и околината, соопшти Јапонската метеоролошка агенција, еден ден откако јапонската влада го издаде своето прво предупредување дека постои ризик од мегаземјотрес на јапонскиот брег на Тихиот Океан. Иако штетите во областите најблиску до епицентарот не беа веднаш познати, премиерот Фумио Кишида рече дека владата не добила извештаи за големи штети.

Дополнителни предупредувања
Епицентарот на земјотресот бил во префектурата Канагава на длабочина од 10 километри, соопшти Јапонската метеоролошка агенција. Канагава не се наоѓа во процепот Нанкаи наведен во вчерашното предупредување за голем земјотрес со јачина од 8 или поголема. Владата денеска издаде и предупредување за земјотрес за главниот град и префектурите Канагава, Саитама, Јаманаши и Шизуока, без предупредување за цунами.

Набргу потоа, земјотрес го погоди Токио. Градското метро накратко го запре сообраќајот на најмалку една линија, но сообраќајот набрзо продолжи. Сè уште не е познато дали има штета во најтешко погодените области како што е западниот дел на префектурата Канагава.

Јапонскиот премиер го откажа планираното патување поради зголемен ризик од потенцијално силен земјотрес

Јапонскиот премиер Фумио Кишида го откажа планираното четиридневно патување во Казахстан, Узбекистан и Монголија бидејќи е зголемен ризикот од потенцијално силен земјотрес во голема област на Тихиот Океан во близина на централна Јапонија.

Јапонската метеоролошка агенција го издаде првото такво советување за областите околу коритото Нанкај, неколку часа по земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди југозападниот дел на земјата.

Откако присуствуваше на мировната церемонија во Нагасаки по повод 79-годишнината од американското атомско бомбардирање, Кишида на прес-конференција во градот рече дека го откажал патувањето во странство за да „се фокусира на одговорот на владата и ширењето на информациите“ за потенцијалниот голем земјотрес.

„Како висок функционер задолжен за управување со кризи во земјата, како дополнителна претпазливост морам да останам во Јапонија најмалку околу една недела“, рече Кишида. Метеоролошката агенција ја повикува јавноста да се подготви за „такво сценарио“.

Вечерва се очекуваше тој да присуствува на првиот самит на Јапонија со централноазиските држави Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан во Астана, главниот град на Казахстан, и да издаде заедничка декларација.