Земјотрес со јачина од 4,9 степени во Јадранското Море е почувствуван на југот на Хрватска


Краток земјотрес е регистриран со епицентар во Јадранското Море, а е почувствуван на југот на Хрватска. Според информациите на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил во Јадранското Море, 94 километри југозападно од Дубровник и 104 километри североисточно од Бари.

Сеизмолошката служба соопшти дека земјотресот бил со јачина од 4,9 степени. „Денеска, 23 февруари 2024 година, во 10 часот и 23 минути, сеизмографите на Сеизмолошката служба на Република Хрватска забележаа силен земјотрес во Јадранското Море, на 80 километри јужно од островот Мљет. Јачината на земјотресот беше 4,9 степени, според Рихтеровата скала. Земјотресот е почувствуван на пошироко подрачје од Дубровник до Задар“, соопштија оттаму.

Граѓаните јавуваат дека благи потреси биле почувствувани и во Дубровник. „Лесно лулање“, гласи еден од коментарите. „Се нишаше мебелот“, пишува еден граѓанин, „Дубровник се тресеше. Кратко, но силно“, известува трет.