Земјотрес со јачина од 4,7 степени го погоди грчкиот остров Евија
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утринава нешто по 6.30 часот по локално време го погоди грчкиот остров Евија, а беше почувствуван и во Атика, пренесува Катимерини.
После тоа, речиси еден час подоцна, следеа два нови земјотреси, во истото подрачје, со јачина од 4,1 и 4,2 степени според Рихтеровата скала, пишува грчкиот весник.
Епицентарот на првиот земјотрес бил лоциран во морското подрачје, на пет километри од брегот на Заракес на Евија, на југоисточната страна на островот и бил на длабочина од 13,3 километри.
Засега нема извештаи за евентуални повредени и материјална штета, јавува Танјуг.