Земјотрес од 6,2 степени според Рихтер го погоди Истанбул


Анкара – Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска регионот на Истанбул, јавија турските медиуми, повикувајќи се на извештај на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Земјотресот се случил во 12:49 часот по локално време, откако на истата локација во 12:13 часот бил регистриран земјотрес од 3,9 степени.

Како што се наведува, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри, во Мраморното Море, западно од Босфорот.

Земјотресите предизвикаа паника кај населението во Истанбул. Засега нема пријави за материјална штета и човечки жртви.

Истанбул, град со повеќе од 16 милиони жители, се наоѓа на Северноанадолскиот расед, познат
по својата висока сеизмичка активност. Експертите со децении предупредуваат дека уште еден
голем земјотрес е само прашање на време и дека илјадници лошо изградени згради, изградени
за време на градежниот бум, се главната причина за потенцијални трагедии.
Медиумите потсетуваат дека Истанбул неколку пати низ историјата бил погоден од разорни
земјотреси. Најстрашниот во историјата се случил во 1509 година и е познат како „мала
апокалипса“.
Се апелира до граѓаните да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат упатствата на
надлежните служби.