Земјотрес од 6,1 степен во близина на грчкиот остров Касос


Земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала погоди област во морето, 20 километри југозападно од грчкиот остров Касос, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Епицентарот е регистриран на длабочина од 64,4 километри, објави „Катимерини“.

Досега нема извештаи за повредени или големи материјални штети, а сведоци од Крит и околните острови наведуваат дека земјотресот бил почувствуван, но без сериозни последици.

Според претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП), професорот по геологија Ефимиос Лекас, длабочината на епицентарот имала одлучувачко влијание врз интензитетот на површината.

– Земјотресите што се случуваат на длабочина од околу 60 километри се обично изолирани настани и не се проследени со поголеми претходни или последователни активности – објасни Лекас.

Лекас истакна дека земјотресот се случил по должината на таканаречениот грчки лак – сеизмички активна зона каде што се судираат африканските и европските тектонски плочи. Тој исто така нагласи дека нема врска помеѓу овој земјотрес и неодамнешната сеизмичка активност во областа Санторини или во Турција, бидејќи станува збор за различни геотектонски услови.

Овој земјотрес е уште една потврда за високата сеизмичка активност во егејскиот регион, кој е меѓу најактивните делови од Европа кога станува збор за земјотреси.