Земјотрес од 5,2 степени регистриран во Турција, во истиот регион на ланските смртоносни земјотреси


Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Малатија на истокот на Турција, а беше почувствуван и во соседните региони.

Според информациите на веб-страницата на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), земјотресот се случил на длабочина од 14 километри.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека се ангажирани сите екипи на АФАД и другите институции.

„Сите тимови на АФАД и надлежните институции почнаа да работат на скенирање на теренот по земјотресот со јачина од 5,2 степени во областа Баталгази, кој беше почувствуван и во околните провинции“, напиша тој на платформата Икс (Твитер).

Тој изјави дека засега нема пријавени жртви или материјална штета, како и дека надлежните служби „внимателно ја следат состојбата“. Според турските медиуми, земјотресот бил почувствуван и во Газиантеп, Кахраманмараш, Шанлиурфа и Адијаман.